2 Kings 2
1 Во она време, кога Господ сакаше да го вознесе Илија на небото во виор, Илија со Елисеј доаѓаше од Гилгал.
2 И му рече Илија на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ветил.“ Но Елисеј рече: „Се колнам во живиот Господ и во животот на твојата душа! Нема да те оставам.“ И отидоа во Ветил.
3 И излегоа кај Елисеј синовите пророчки што беа во Ветил, и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го вознесе твојот господар над главата твоја!“ Тој одговори: „И јас знам, молчете.“
4 И му рече Илија: „Елисеј, остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ерихон.“ А тој рече: „Се колнам во живиот Господ и во твојата жива душа! Нема да те оставам.“ И дојдоа во Ерихон.
5 Тогаш се приближија синовите пророчки што беа во Ерихон, и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ го зема твојот господар и ќе го вознесе над главата твоја?“ Тој одговори: „И јас знам, молчете.“
6 Пак му рече Илија на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме испраќа накај Јордан.“ А тој рече: „Се колнам во живиот Господ и во твојата жива душа! Нема да те оставам.“ И тргнаа обајцата.
7 Педесет души од синовите пророчки тргнаа и застанаа подалеку спроти нив, додека тие двајца стоеја покрај брегот на Јордан.
8 Тогаш го зеде Илија својот кожув, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двајцата минаа по суво.
9 Кога минаа, Илија му рече на Елисеј: „Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам вознесен пред тебе.“ Елисеј одговори: „Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.“
10 А тој рече: „Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам вознесен пред тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде.“
11 Додека тие одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се вознесе во виорот кон небото.
12 А Елисеј гледаше и извика: „Татко мој, татко мој, коло Израелова и негова коњица!“ И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња.
13 И го крена тој кожувот на Илија што беше паднал од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан;
14 го зеде кожувот на Илија, што беше паднал од него, удри со него по водата, и рече: „Каде е Господ, Бог Илиев? Тој Самиот?“ И удри по водата, а таа се раздели на две страни, и Елисеј помина.
15 И го видоа оддалеку синовите пророкови што беа во Ерихон и рекоа: „Илиевиот дух слезе врз Елисеј.“ Му излегоа во пресрет и му се поклонија до земја.
16 И му рекоа: „Ете, во нас, твоите слуги, има педесет души силни мажи; нека одат тие да го побараат господарот твој; можеби, Духот Господов го однел и го фрлил на некоја гора, или во некој дол.“ А тој рече: „Немојте да испраќате!“
17 Но тие настојуваа пред него многу, та му здодеаја, па им рече: „Испратете!“ И испратија педесет души, кои бараа три дена, но не го најдоа,
18 и се вратија кај него, додека тој беше во Ерихон; и тој им рече: „Нели ви говорев: не одете!“
19 Тогаш жителите на градот му кажаа на Елисеј: „Ете, како што гледаш, господаре, положбата на овој град е добра; но водата е лоша и земјата е бесплодна.“
20 А тој рече: „Дајте ми нова чаша и турете во неа сол.“ И му дадоа.
21 Тој отиде кај изворот на водата, ја фрли во неа солта и рече: „Вака вели Господ: ‚Јас ја оздравувам оваа вода; и во иднина нема да доаѓа од неа ни смрт, ни бесплодност.‘“
22 И водата остана здрава до денес, според зборот што го кажа Елисеј.
23 Оттаму тој отиде во Ветил. Кога одеше по патот, мали деца излегоа од градот, му се потсмеваа и му велеа: „Врви, ќелавко! Врви, ќелавко!“
24 Тој се сврте, ги виде и ги проколна во името Господово. Тогаш излегоа од гората две мечки и раскинаа од нив четириесет и две деца.
25 Оттука отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија.